Градоначлникот на Охрид, Александар Петрески обвини дека и пред оваа летна сезона градот ќе мора да се справува со сопките и саботажите од страна на централната власт. Како проблем наведе што охридската капетанија сеуште е без директор, со што нема кој да се грижи за безбедноста во езерскиот сообраќај.
„Ова е последниот во долгата низа удари кои власта им ги нанесува на граѓаните на Охрид и врз туризмот во целина. Патиштата кои водат до Охрид се во лоша состојба. Градот предолго време е без болница. Владата одбива да плати комуналии за објектите кои планира да ги гради и со тоа ги крши принципите на децентрализација. Како што гледаме, дури ни трагедијата со бродот Илинден не беше доволна да ја освести власта и да ја направи поодговорна“, рече Петрески.
Според него,Охрид не добил ништо од Владата, освен навреди и омаловажувања преку рекламите со кои ги навредува охридските угостители и домаќините со сместувачки капацитети.
„Па дури и тие реклами веројатно се платени со казните кои УЈП кампањски и линеарно им ги изрекува на охридските фирми и за банални причини. И тоа селективно, се разбира. Од една страна не навредуваат дека не знаеме да се однесуваме со туристите, од друга власта не запира со неодговорното однесување кон туризмот. Залудни се тврдењата на вицепремиерот Пешевски дека туризмот бележи раст кога основната институција за безбеден и организиран туризам нема директор“, рече Петрески.
Тој апелираше „власта да престане со негативните и штетни политики поврзани со Охрид и да му овозможи вистински поттик за развој“.
„Градот не е само на охриѓани, градот е дел од светското културно богатство и никој нема право, а особено не од партиски причини, да го држи во заложништво и под стеги како што тоа подмолно го прави ВМРО ДПМНЕ во изминативе шест години. Ако не се инвестира во Охрид и туризмот и туристите ќе станат ендемски вид“, посочи Петрески.