Бизнисменот Силјан Мицевски по сведочењето кај обвинителката Вилма Русковска, кое траеше повеќе од два часа, рече дека тој сам побарал од Обвинителството да го дополни исказот за случајот „Рекет“.
Мицевски рече дека не добивал закани за да даде 720 илјади евра на Меѓународниот сојуз, а запрашан како ќе си ги врати парите, тој кратко одговори „Прашајте го Бојан“.
За парите, Мицевски потенцираше дека ги уплатил во банка, на сметката од Сојузот на Боки 13.
„На пензионерката не сме и дале ништо. Сме дале на Сојузот. Секако дека ќе ги бараме назад парите“, рече Мицевски пред да влезе на распит.
Пензионерката Лилјана Тодоровска од Скопје сведочеше во Обвинителството за организиран криминал пред 10 дена. Претходно, изјави дека парите кои Мицевски ги уплатил на нејзината сметка ги подигнала во кеш, а потоа ги дала на друго лице од сојузот на Боки 13, но не кажа за кого станува збор.
Претходно, на распит кај обвинителката Русковска беше водителката Лила Филиповска. Како што дознава „А1он”, Лила Филиповска го привлекла вниманието на обвинителката Вилма Русковска откако биле забележани големите позајмици кои му ги дала на Бојан Јовановски.