Два освоени медала на 13. Јуниорска балканска олимпијада по информатика

Од:

Учениците Тео Китановски, Атина Рувинова, Иван Занов и Сара Стефановска, раководени од Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се вратија со освоен сребрен медал на 13. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2019) која од 23 до 29 август се одржува во Марибор, Словенија.

Учениците од тимот, учесници на јуниорската олимпијада (на возраст до 15, 5 години) беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по јубилеен 30-ти пат.

На годинашната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваат тимови составени од најмногу четири натпреварувачи од десет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија, Словенија и Турција.

– Во оваа мошне силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои 14-годишниот Тео Китановски од Скопје. Заедно со ЈБОИ 2019, во Марибор се одржува и третата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2019). Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во
програмирањето, изјави нивниот ментор д-р Миле Јованов.

Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од четири натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена. На ЕЈОИ 2019 учествуваат вкупно 90 ученици од 24 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваат и на двата паралелни настана (ЕЈОИ 2019 и ЈБОИ 2019), се претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан. Во исклучително силната конкуренција, покрај сребрениот медал на ЈБОИ 2019, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2019. Освојувач на медалот повторно е ученикот Тео Китановски.

– Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите ученици од Македонија поседуваат знаење со кое може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко… Освоеното сребро следува по успехот на средношколците на Интернационалната олимпијада по информатика во Баку на почетокот на овој месец, кога донесоа два бронзени медала, додава Јованов.

Следната, 14-та Јуниорска балканска олимпијада по информатика ќе се одржи идната година во Никозија, Кипар.

Би можело да ве интересира

Македонски ученици освоија три бронзени медали на Интернационалната олимпијада по информатика

Ана Ололовска

Бронзен медал за македонските млади информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана онлајн во Грузија

Ана Ололовска

Балканска олимпијада во информатика во Скопје

Ана Ололовска

Во Штип „DigiGirlz“ караванот на Мајкрсофт Македонија

Ана Ололовска

„DigiGirlz“ – можности девојките да станат дел од ИТ-светот

Ана Ололовска

Државен натпревар „Прва лего лига“ во Штип

Ана Ололовска