Грчкиот премиер Андонис Самарас во наредните денови ќе одлучува дали да прави реконструкција на Владата откако лидерот на ПАСОК и коалициски партнер, Евангелос Венизелос изјави дека е подготвен да вклучи активни социјалистички политичари во Кабинетот.
При формирањето на трипартиската коалиција по изборите во јуни минатата година, Венизелос избегна назначување на политичари од ПАСОК во Кабинетот, и наместо тоа избра личности кои се поврзани со социјалистите. Сега тој изјавува дека неговата партија е подготвена да постави свои пратеници во Владата.
– Се разбира дека во Владата треба да учествуваат политички фигури доколку се согласуваме со политиките, рече Венизелос во интервју за телевизијата „Мега“.
Во последно време неколку пати имаше гласини за реконструкција на грчката Влада, но најновите коментари на Венизелос по конгресот на ПАСОК, укажуваат на тоа дека Самарас ќе биде принуден да направи реконструкција или да ги негира шпекулациите.
Весникот „Катимерини“ пишува дека некои советници на премиерот се убедени дека реконструкцијата нема да биде добра идеја, имајќи го предвид фактот што персоналот од клучните министерства не може да се промени, затоа што со тоа се ризикува да се наруши спроведувањето на програмата за фискално прилагодување на Грција.
Други, пак, реконструкцијата ја гледаат како можност да се заменат министрите и замениците министри за кои се смета дека не работат доволно добро.
Според едно од сценаријата, Венизелос ќе стане дел од Владата, и ќе ја преземе функцијата заменик-премиер и евентуално министер за надворешни работи, пишува „Катимерини“. Портпаролот на грчката Влада Симос Кедикоглу синоќа ги демантираше овие тврдења и истакна дека нема да има реконструкција.