Концерт на пијанистката Дуња Иванова на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Од:

На археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија, пијанистката Дуња Иванова вечерва ќе одржи концерт со делата на Стив Рајх, Филип Глас, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен.

Овој настан е несекојдневна можност да се слушнат современи класични композитори во археолошката сонда и за прв пат да се проткаат (пред)историските мистерии со репетитивните ритмови и минималистичките есенцијални мелодии на пијаното.

Организатори на овој настан и на истражувањата на Врбјанска Чука се Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј – Прилеп и Музеј на Р.С. Македонија.

– Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија се одвиваат неколку години а со оглед на тоа што во него пред се‘ се вршат ископувања, тој е посетуван и познат единствено за археолозите. Оттаму, ова ќе биде единствена можност и за пошироката јавност, која пред почетокот на концертот ќе биде запознаена со локалитетот и неговите највпечатливи обележја со што ќе се навлезе и во неговата (пред)историја, соопштуваат организаторите.

Локалитетот се наоѓа еден километар јужно од селото Славеј (на патот од Прилеп за Крушево) и до него може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш или со параглајдер. До наоѓалиштето поминува патот од Славеј до Боротино кој може да се користи за да се дојде до тумбата.

Дуња Иванова (1985), магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата, Нов културен бран, Интернационалниот филмски фестивалWinter Apricots во Прилеп, настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен како и низа мултимедијални концерти.

Иванова е селектор и изведувач на музиката за кусиот игран филм „Љубовникот“ (2018)

Таа со свои трудови од областа на музичката теорија и практика учествува на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и во рамки на музичко- едукативни работилници.

Во 2007 и 2008 година е ангажирана како демонстратор од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје.

Автор е на книгите „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот