Уште една во серијата потврди за недемократското однесување на власта на Груевски е денешната политичка хајка на МВР против пратеници, кандидати за градоначалници и активисти на опозицијата од Штип, реагираат од СДСМ Штип.
– Оние кои протестираа пред полициската станица во Штип, заради тоа што беа повикани на информативен разговор претседателот на ОО СДСМ Штип, кандидатот за градоначалник, шефот на Изборниот штаб и пратеничката од редовите на СДСМ, денес добија и кривични пријави, стои во партиската реакција на СДСМ од Штип.
Од СДСМ сметаат дека овие пријави не се ништо друго освен политичка одлука и директна нарачка на политичкото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое уште еднаш го злоупотребува Министерството за внатрешни работи за партиски цели во предизборна кампања.
– На истиот начин како што Груевски, преку Јанкуловска, нареди насилно отстранување на новинарите и пратениците на 24-ти декември, сега се обидува да изврши притисок врз опозицијата и да ги заплаши граѓаните. Проценката на режимот и овој пат е многу погрешна. Власта драматично греши ако мисли дека некого ќе уплаши. На овој начин само дополнително го зголемуваат револтот кај граѓаните и решителноста на опозицијата да ја порази оваа ненародна власт, наведуваат во партиското соопштение штипските социјалдемократи.
Првиот дел од казната за ова тоталитарно однесување овој режим ќе го добие на 24-ти март. Сигурни сме дека многу брзо ќе се срамат од овие свои постапки, додаваат од СДСМ Штип.