„Праисториските дами од Македонија” е насловена изложбата што ќе биде отворена утревечер во кумановската Уметничка галерија во организација на Музејот на Македонија и Музеј Куманово.
– Станува збор за археолошка изложба чија тема е жената. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 100-тина фигурини кои археолозите ги имаат ископано во текот на 60-годишните истражувања на просторот на Македонија од 40-тина локалитети. Фигурините се стилизирани, рачно изработени со нагласени детали на облеката и фризурата, информира директорот на кумановскиот Музеј, Јовица Станковски.
Автор на изложбата е Ирена Колиштркоска Настева. Изложбата „Праисториските дами од Македонија“ веќе е промовирана во Скопје и во повеќе градови низ Европа.
Отварањето на изложбата е закажано за утревечер со почеток во 19.30 часот. Изложбата во Уметничката галерија ќе биде отворена во наредните дваесетина дена.