ДУИ официјално ја започна кампањата за локланите избори во Тетово, градот од кој потејкнува и нивната кандидатка за градоначалник Теута Арифи. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пред присутните рече дека поради состојбата во која се наоѓа Тетово потребен е токму нивниот кандидат да стане градоначалник.
– Сите знаеме дека Тетово не е како што треба и тука ништо не функционира. Тука владее анархија и општината е во долгови. Но, нема ништо посилно од волјата на една мајка. Сега на Тетово му треба Теута. Ние сите сме горди за нашата заедничка инвестиција. Теута се симна од висока позиција и целата своја енергија сега ќе ја употреби за доброто на Албанците кои живеат во овој град, рече Ахмети.
Според него, Тетово е центар на сите Албанци, со два универзитета.
– На Теута не треба око да и трепне зашто позади неа стојат сите институции и таа ќе ја оствари својата мисија која ќе биде од интерес на Албанците – да ја вратиме гордоста на градот. На 24 март гласајте за Теута, а донесете ги и оние што се колебаат за кого да гласаат, затоа што само кандидатот на ДУИ е вистинскиот човек кој може да го води Тетово, рече Ахмети.
Арифи пред тетовци во спорстката сала на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, училиштето каде таа учела, зборуваше за своите мотиви да се кандидира за градоначалник од местото вицепремир во Владата задолжена за евроинтегративните процеси.
– Се чуствувам многу гордо што Али Ахмети ми рече дека можам да го водам Тетово. Јас знам дека можам да ги решам работите. Јас се родив тука во оваа населба од каде што ја започнуваме изборната кампања. Јас учев во ова училиште и со мојата градоначалничка функција сакам да ги направм училиштата место, каде децата ќе започнат да ги градат своите вредности. Кога бев млада имав една ориентација, а тоа е да бидам во меѓународната дипломатија. Јас го постигнав тоа, но не го заборавив мојот роден крај, мојот народ и корени, рече Арифи.
Таа порача оти посакува нејзиниот град да биде напреден како и другите европски градови и да го направи Тетово пример за другите градови во Македонија.
– Ние сега немаме ништо напредно во овој град. Ние мораме да ја вратиме гордоста на Тетово. Јас кога ќе започнам да раководам со општината, таа повеќе нема да тоне во смет и ние мора да го вратиме моралот тука, порача Арифи и вети меѓународни фондови кои ќе ги користи за интересите на граѓаните, изградба на патишта, училишта.
На митингот на ДУИ во спортската сала на тетовската гимназија зборуваа и носителот на листата за советници за општина Тетово Исен Џемаили, како и членот на Централното претстедателство на ДУИ Џевад Адеми.
ДУИ денеска првата средба со граѓаните ја одржа во општина Студеничани, каде што ги промовира кандидатот за градоначалник Фати Исени и кандидатите за советници.