Лидерот на пратеничката група на велшката националистичка партија Плаид Кимру во британскиот Парламент, Елфин Ливаид побара „изедначување“ на Велс со Шкотска, независно од тоа како ќе заврши шкотскиот референдум за независност закажан за октомври 2014 година.
Ливаид, кој е поранешен лидер на оваа партија, смета дека „тектонското плато на кое лежи Обединетото Кралство се поместува“, што налага активистите на Плаид Кимру целосно да се посветат на обезбедување „партнерство на еднаквост во изменатата Унија“.
Според него, референдумот во Шкотска ќе нанесе силен удар и ќе остави последици врз состојбата на Британските Острови, па затоа раководството на партијата смета дека Велс треба да се подготви за „новото време што доаѓа во Велика Британија“.
– Ние не можеме повеќе да чекаме тие (Англичаните) да ни донесат фабрики во Велс каде ќе се отворат нови работни места кои толку многу ни недостасуваат, туку треба тоа самите да го направиме во Велс, заради сите нас, изјави новиот лидер на Плаид Кимру, Лина Вуд.
Во сегашната британска Унија, со постоечкиот закон за деволуција и за префррлање на надлежностите на покраините, Велс нема ист статус со Шкотска. Шкотска има Парламент со мошне широки овластувања и законодавна функција, освен во надворешната и внатрешната политика и во финансиите, додека во Велс постои Собрание кое има само советодавна функција. Имено, велшкото Собрание расправа за прописите кои се однесуваат на Велс, но нив ги усвојува Парламентот во Лондон.