Оперската дива Инва Мула вечерва на „Охридско лето“

Од:

Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди несекојдневно доживување преку концертот на светски познатата оперска дива, сопранот Инва Мула од Албанија.

Мула које вечерва во „Света Софија“ ќе настапи заедно со нејзината колешка од Македонската опера и балет, сопранистката Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, на прес-конференцијата по повод концертот истакна дека е почестена што ќе настапи на „Охридско лето“, манифестацијата за која рече дека веќе шест децении ја слави уметноста.

– Охрид е уникатно место, на само на Балканот, туку во светски рамки. Поседува особена енергија, а 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ само го потврдува мојот став дека луѓето тука водат сметка за музиката, за уметноста. Сум настапувала тука неколкупати, но беше мошне одамна. Се уште ги чувам спомените за концертите во „Света Софија“, така што се надевам дека и вечерва ќе биде запаметена, како во мојата глава така и во сеќавањата на публиката, рече Мула.

Мула ќе настапи во пијано придружба на албанскиот пијанист Генц Тукичи, а неколку точки во рамки на концертот ќе изведе заедно со Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски, што според неа е доживување плус оттаму што дава можност да се создаде синергија со други гласови, да се добие квалитет повеќе.

Нејзината соработка со Тукичи е подолга од две децении, а според неа, акустиката на катедралната црква „Света Софија“ само ќе даде квалитет повеќе на вечерашниот концерт.

Маестро Тукичи кому ова му е прво претставување пред охридската публика, рече дека е почестен што е тука на „Охридско лето“.

– Не би сакал премногу да зборувам, само да се обидам својата енергија да ја споделам со публиката вечерва на концертот. Би нагласил дека за „Охридско лето“ носам сеќавања што ми ги пренесе мојот татко кој има настапувано тука, така што ова е само продолжување на таа традиција, рече тој.

Сопранот Дешира Ахмети од МОБ истакна дека е престиж поканата да настапува заедно со Мула, уште повеќе што лично првпат ќе пее во култното место за уметниците како што е „Света Софија“.

– Првпат ќе пееме со Инва заедно, а се надевам дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.

Тенорот Цуцковски рече дека како за македонски уметник настапот на „Охридско лето“ носи особена возбуда.

– Јас настапувам во три нумери, возбудата е оромна и би се заблагодарил за несекојдневната можност да сум дел од магијата на „Охридско лето“, рече тој.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената и е Виолета во операта „Травијата“ која и ѝ ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните пет години. Во тој период таа двапати победува на натпреварот „Тефта Ташко Кочо“, а во 1987 година е прогласена и за најдобар оперски пејач. Следуваат победите на натпреварот „Жорж Енеску“ во Романија, и Гран-при „Мадам Батерфлај“ во Барселона во 1992. Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго, како и „Метрополитен“ во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“.

Во 1998 година по фантастичната соработка со Рикардо Мути во Миланската „Скала“, Инва Мула е поканета да ја пее насловната улога во „Травијата“ за отворањето на новиот оперски театар во Милано, по што следуваат нови улоги во „Скала“. Со голем успех настапува низ Италија и тоа во Трст, Торино, Сиена, Рим, и во Фиренца каде настапува под палката на маестро Зубин Мехта.

Улогата на Виолета во „Травијата“ за Инва Мула претставува еден вид уметнички „потпис“, па така неа ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн. Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време, како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг.

Кариерата на Инва Мула и денес продолжува со голем интензитет. Во изминатите сезони настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи“ во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовен напиток“ во Марсеј и Микаела во „Кармен“. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург.

За нејзините уметнички достигнувања, во 2006 година доделено и е највисокото признание од Француската влада – „Витез на уметноста“.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма