Пред малку, Металург го совлада тимот на Извиѓач во Љубушки и практично го обезбеди учеството во фајнал-форот на СЕХА-лигата. Металург победи со резултат 27:19 (11:10).
Иако настапи без поголем дел од својот најдобар состав, Металург извојува рутинска победа. Првото полувреме помина во израмнета борба. Металург на двапати создаде предност од по два гола, а во 9. минута го видовме и првенецот на младиот Бојан Маџовски. Во овој период од играта, Извиѓач пружи солиден отпор и имаше и водство при резултат 1:0, 6:5 и 7:6. Кај Металург се истакна Додер, кој постигна три гола од исто толку обиди. Полувремето заврши со минимална предност на Металург, 11:10.
Во второто полувреме, Металург го засили темпото и во 36. минута, со головите на Додер (2), Вугринец, Батиновиќ и Алушовски, создаде убедлива предност, 16:11. Иако Извиѓач вложи напор и на моменти се доближи до резултатот на нашиот тим, сепак, поразот беше неминовен. Во последните седум минути мини серија на Металург од 6:1, и до крајот „металурзите“ стигнаа до убедлива победа од 27:19.
Најдобар поединец на средбата беше Тихомир Додер, кој постигна седум гола од осум обиди.