Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, изрази надеж за конструктивна соработка со новоименуваниот премиер на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
-Очекуваме да соработуваме конструктивно со премиерот Борис Џонсон кога ќе стапи на функција, за олеснување на ратификацијата на Спогодбата за повлекување и постигнување уреден Брегзит, напиша Барние на Твитер.
Тој потсети дека, како што се договорија лидерите на 27-те земји членки, ЕУ е подготвена за одредени промени во политичката декларација за идното партнерство меѓу ЕУ и Лондон.
Борис Џонсон денеска беше избран од британската Конзервативна партија да ја замени Тереза Меј, која функцијата ја напушти откако не успеа да постигне договор во британскиот парламент за истапувањето од ЕУ. Џонсон е поддржувач на тврд Брегзит и многумина во Брисел стравуваат дека неговото стапување на функција може да доведе до Брегзит без договор.
Повеќето политички партии во ЕУ се против ова сценарио и предупредуваат дека тоа „не смее да се дозволи“, како што истакнаа попладнево европските Зелени преку соопштение до медиумите.
Преговорите за Брегзит се во ќор-сокак откако Меј не успеа да добие мнозинство во британскиот парламент за постигнатиот договор со ЕУ. Рокот за Брегзит е 31 октомври, но новоизбраната претседателка на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, веќе стави на знаење дека не би била против дополнителен рок доколку е оправдано.