Официјален Вашингтон, ОН и израелската Влада, денеска остро ја осудија изјавата на турскиот премиер Реџеп Таjип Ердоган за ционизмот, дадена за време на меѓународниот Форум што во организација на Обединетоте нации се одржа во Виена.
Турскиот премиер, во своето излагање на форумот, го означи ционизмот како „криминал против човештвото“, споредувајќи го уште со фашизмот, антисемитизмот и исламофобијата.
Претставник на американскиот Совет за национална безбедност изјави дека оквалификувањето на ционизмот како криминал против човештвото е „навредливо и сосема погрешно тврдење“.
Израелскиот премиер Бенјамин Натанијаху реагираше остро на изјавата на Ердоган, означувајќи ја како „мрачна и подмолна“, додека кабинетот на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја нарече „разорна изјава која нанесува болка“.
Остратата реакција за изјавата на Ердоган доаѓа во време кога американскиот дражавен секретар Џон Кери се наоѓа во Турција. Тој во Анкара со Ердоган треба да разговара за кризата во Сирија, но британските медиуми забалежуваат дека изјавата за ционизмот фрли сенка врз престојот на Кери во турскиот главен град.
Американски извори тврдат дека државниот секретар Кери ќе го покрене и прашањето околу изјавата на Ердоган на разговорите во Анкара.