Триото „Пендерецки“ синоќа во црквата „Света Софија“ приреди концерт за паметење во рамките на Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Младите уметници, талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Јарослав Наджицки и извонредниот виолончелист Карол Марјановски изведоа пријано-трија од Јозеф Хајдн, Сергеј Рахмањинов и Клод Дебиси,а за одбраниот репертоар и за нивниот врвен артизам беа наградени со бурни аплаузи.
– Овој фестивал е еден од најдобрите на којшто сме настапиле од секој аспект. Прво, акустиката во црквата е перфектна, второ, публиката ја чувствувавме како да музицира со нас. Публиката на „Охридско лето“ не е монотона како онаа во големите концертни сали и не е дистанцирана, туку луѓето се придружуваат кон нашето уметничко патување. Организацијата, гостопримството, реакцијата од публиката, сето тоа кај нас остави силен впечаток, рече виолончелистот Марјановски.
Полската вечер на „Охридско лето“ е традиционална и секоја година се одржува под покровителство на Почесниот конзулат на Република Полска со седиште Охрид и Еуростандард банка.
Како што истакна почесниот конзул на Полска во нашата земја, Коста Костовски,и годинава настапија квалитетни уметници кои приредија прекрасен концерт што долго ќе се памети.
– Изведбата на уметниците што ги донесовме од Полска беше феномнална и публиката беше задоволна од тоа што го слушна и виде, така што помина уште една успешна Полска вечер со пијано триото Пендерецки. Со ова уште еднаш се потврдува квалитетот на полските уметници особено на оние кои фестивалот „Охридско лето“ ги носи во Македонија. Традицијата, се разбира дека ќе продлжи и натаму. Сепак, фестивалот има програмски селектор кој одлучува кој ќе настапува, но ние, секако ќе дадеме сугестии. Наредната година е јубилејна за „Охридско лето“ и ќе бидеме сигурно присутни носејќи ги најдобрите уметници, изјави почесниот конзул Костовски.
Тројцата уметници, Сколарски, Наджицки и Марјановски имаат и независна кариера во нивната земја и надвор, и долги години биле неразделни со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот творечки опус.