Богата програма од класичниот репертоар, од романтизам, преку класицизам и веризам, понудија солистите на Националната Опера и Балет(НОБ) од Скопје на гала концертот што се одржа синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Примадоната на оперската сцена, Весна Гиноска Илкова, првенец на НОБ и редовен професор на Факултетот за музичка уметност заедно со нејзините колеги, солистите Благој Нацоски- тенор,Наде Талевска-сопран и Ирена Кавкалевска-мецосопран, во црквата „Света Софија“ пленија со своите раскошни гласови и внимателно одбраниот репертоар.
– Сметам дека јас и моите колеги, дадовме програма што беше задоволителна и респектабилна за самиот настап. Многу ми е драго што во прилично ист состав работевме и минатата година , па така и годинава. Поради нашите различни фахови, особено со Благој Нацоски, немаме многу често комуникација на сцена, но многу се радувам што на овој начин работиме заедно, истакна сопранот Ѓиноска –Илкова.
Според неа, настапите на „Охридско лето“ претставуваат репрезентативен елемент, како на националната установа од која доаѓа, така и за неа, како уметник-солист.
– Охридско лето како престижен фестивал од светски размери е добро обмислен во однос на програмата. Токму затоа, и ние дадовме програма која е на нивото на самиот реномиран фестивал, додаде Гиноска –Илкова.
Македонскиот тенор Благој Нацоски кој ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот, смета дека за оперските пејачи многу важен детаљ кога е во прашање „Охридско лето“ е што фестивалот пред 59 години е отворен со оперски глас.
– Токму во овој амбиент, во оваа црква, на 4 август пред 59 години, првенката на Македонската Опера и Балет, Ана Липша Тофовиќ, го прогласи фестивалот за отворен. Можеби звучи нескромно, но за нас, оперските пејачи тоа е многу важно и предизвикува особено чувство и сатисфакција. Поради моите меѓународни обврски немам секогаш доволно време да го следам фестивалот, но она што го гледам во програмите, кој се’ настапува во изминатите години, сметам дека на „Охридско лето“бележи огромен растеж, изјави Нацоски кој за 10-тина дена настапува со рецитал на Сицилија, а во октомври и ноември и голема турнеја во Јапонија каде што со „Травијата“ ќе настапи во 14 претстави.
Солистите, диригентите и ансамблите на Националната Опера и Балет се редовни гости на „Охридско лето“ и за своите настапи секогаш се наградувани со бурни аплаузи од фестивалската публика.