Еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, заедно со известувачот за Република Макеоднија во Европскиот парламент Ричард Ховит и поранешниот претседател на Европарламентот Јиржи Бузек, денеска се во Скопје со цел да извршат притисок да се стави крај на политичката криза.
– Комесарот Филе ќе отпатува во ПЈР Македонија во заедничка мисија со членовите на Европскиот парламент Ховит и Бузек, со цел да се сретне со засегнатите страни и да придонесе да се најде начин како да се надмине сегашната политичка криза. Солуција на кризата ќе помогне да се создадат услови за извештајот кој ЕК го подготвува врз база на одлуката на земјите-членки за оваа пролет. Таа ќе креира услови овој извештај да биде позитивен, истакна портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера на официјалнито прес-брифинг во зградата на Европската комисија
Во соопштението испратено од известувачот од ЕП, Ховит, пак, се наведува дека во светло на сегашната политичка криза, тој заедно со Бузек и Филе ќе дојдат во Скопје и притоа се наведува:
– Нашето заедничко присуство, како ЕП и ЕК, и парламентарци од двете најголеми политички партии во Европарламентот, ќе покаже дека Европа е обединета во кажувањето дека сега е време на подлебите во Скопје да им се стави крај, порачува британскиот европратеник Ховит, кој според најавите требаше утрината да тргне кон македонската престолнина, но тоа го одложи за вечер, заедно со еврокомесарот за проширување и со екс-претседателот на ЕП.
Според информациите од Унијата, денешната мисија на европската тројка ќе биде да обезбеди гаранција за крај на политичкиот застој во Македонија, со тоа што главна поента, како и претходно, ќе им биде дека политичките партии треба и мора да го стават интересот на земјата и на граѓаните на прво место, пред личниот и партискиот интерес.