На 5-ти август започнува Светското првенство во параглајдинг со настап на групата Фолтин во градскиот парк во Крушево.
Како и минатата 2018 година за Европското и Светско првенство во змајарство така и оваа година за 16-тото издание на Светското првенство во параглајдерство отворањето ќе се одржи во градскиот парк, а ќе започне од хотел Монтана Палас со парада до центарот на градот. Секоја држава ќе биде предводена од момчиња и девојчиња облечени во традиционални носии се до градскиот парк каде свечено ќе се отвори настанот.
На 6-ти август полетувалиштето на Мечкин камен ќе биде исполнето со 150 натпреварувачи, а Крушево очекува и до 2 000 луѓе да бидат присутни во Крушево за настанот.
„И оваа година бележиме раст во бројот на туристи и тоа е заради атрактивната понуда преку низа настани и активности како Светското првенство во параглајдинг. Крушево е топ светска дестинација за параглајдинг и авантуристички туризам и нашите проекти одат во насока на подобрување на условите за развој на овој тип на туризам“, вели градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Организатор на 16-то Светско првенство во параглајдерство е Воздухопловната федерација на Северна Македонија со поддршка на општина Крушево.