Натпревар по математика под покровителство на претседателот Иванов

Од:

Во Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во Скопје, во пресрет на одбележувањето на 6 март – Светски ден на математиката, денеска се одржа квалификационен натпревар по математика, во организација на Приватното средно училиште Алгоритам Центар, а под покровителство на претседателот Иванов.

Учениците кои на денешниот натпревар ќе постигнат најдобри резултати ќе го сочинуваат тимот кој ќе ја претставува Република Македонија на претстојниот светски натпревар на 6 март.

На натпреварот учествуваа 120 ученици од основни и средни училишта од целата држава, кои решаваа математички задачи и проблеми по електронски пат.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, учесниците се соочија со голем научен предизвик, кој претпоставува брз и ефикасен начин на решавање на задачите, но и одмерување на знаењата во областа на математиката со непознати противници одбрани по електронски и случаен пат.

Директорката на ПСУ Алгоритам Центар, Марина Божинова, изрази благодарност за поддршката и покровителството од страна на претседателот Иванов и истакна дека особено ги цени континуираните заложби на Претседателот за поттикнување на научниот потенцијал кај младите.

– Сакаме да докажеме дека математиката е наука која може секој да ја совлада и не е нешто недостапно, па затоа се стремиме секој да го постигне тоа што е во неговите граници и неговите можности и не даваме цели кои се недостижни. Целта на натпреварот е да ги поттикнеме професорите и учителите во целата држава. Затоа, упатувам голема благодарност до претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој што го препозна овој квалитетен проект што ги мотивира учениците од државата да работат заедно со менторите и учителите и ја даде својата беспрекорна поддршка на целиот проект, истакна Божинова.

Младите математичари и нивните училишни ментори, потенцираа дека организирањето на натпревари од ваков тип е особено важно за унапредување на математиката, која како научна област претставува основа на процесот на техничко-технолошки развој. Во таа насока, учениците и професорите се заблагодарија за укажаната поддршка од претседателот на Република Македонија во реафирмирањето на математичката наука.

Ивица Димовски, помошник директор и наставник по физика и математика во основното општинско училиште во Македонски Брод, изјави дека мотивацијата на учениците да учествуваат на натпреварот е уште поголема, со оглед на тоа што преку него се реализира визијата на претседателот како покровител на настанот.

Професорот по математика во ПСУ Алгоритам Центар, Зоран Зивчевски, потенцираше дека досегашните успеси се уште поголем поттик за постигнување подобри резултати во иднина.

– Ние како гимназија учествувавме минатата година на онлајн математичкото натпреварување и бевме прва тимска екипа во Европа. Водени од успехот сакавме да ја реализираме идејата и што повеќе ученици да учествуваат на натпреварот и да постигнеме што повеќе резултати, изјави Зивчевски.

Пред одржувањето на квалификациониот натпревар, со цел да се изврши потесна селекција на ниво на целата држава, беа спроведени прелиминарни тестирања, на кои се пријавија околу 2.000 ученици, кои низ процесот на подготовки и селекција точно одговорија на неколку милиони задачи.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците