Пејачката Тамара Тодевска се извини за пропустот при изведувањето на химната на прославата на Денот на независноста на САД, 4-ти јули во американската амбасада во Скопје.
На прослава беше изведена и македонската химна, но без делот каде што се споменува Гоце Делчев и другите национални херои.
„Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка.
Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од амбасадата на САД.
Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната.
Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната.
Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце да ми простите“, напиша Тамара Тодевска на Фејсбук.