Девет проценти од малолетниците во просек дневно поминуваат повеќе од девет часа на интернет, 41,2 проценти од два до пет часа, а до два часа 36,1 проценти, покажува анкетата на Агенцијата за електронски комуникациии, спроведена од 23 до 31 мај годинава.
Педесет и шест проценти од домаќинствата со малолетни лица кои пристапуваат на интернет не се свесни дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет. Таков софтвер имаат инсталирано само осум проценти од домаќинствата што се свесни дека постои.
Повеќе од половина (54 проценти) од испитаниците што немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина, но мнозинството (91 проценти) од нив не знаат каде можат да го набават.
Според извештај на УНИЦЕФ, секое четврто дете на претшколска возраст и над половина од децата кои одат во училиште поседуваат барем по еден дигитален апарат, најчесто „паметен телефон“, лап топ и таблет компјутери.