Чесите кои имаат дете со странски државјанки од земјите надвор од ЕУ, а не се во брак, можеби од идната година ќе мораат да прават ДНК тестови за татковство ако сакаат нивните деца да добијат чешко државјанство, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова е дел од новиот Нацрт-закон за државјанство за кој наскоро треба расправа чешкото Собрание.
Претставниците на организациите за помош на странци ги критикуваат новите предлози сметајќи дека се бесмислени и дискриминаторски, додека за предлагачот на Законот, Министерството за внатрешни работи, овие одредби ќе помогнат да се избегне добивање чешко државјанство со лажни изјави за т.н. фиктивно татковство.
– Одредбите, целосно бесмислено ги делат мајките на граѓани на ЕУ и државјани на други земји и ги дискриминираат децата родени надвор од брачните заедници, кои го губат автоматското право на државјанство, а со тоа и правото на здравствено осигурување, објаснува Марие Херманова од Програмата за миграција.
Правните експерти се согласни дека таквите промени ја кршат Конвенцијата за правата на детето, кон која Чешка е обврзана.
Според актуелните прописи, децата чии мајки се странски државјанки добиваат државјанство доколку таткото, ако е Чех ги прогласи за негови.
Министерството за внатрешни работи оценува оти овие постапки се злоупотребуваат и затоа се предлагаат построги правила.
Активистите на невладините организации, предупредуваат дека Законот не предвидува што ќе стане со децата доколку ДНК- тестовите не можат да се направат поради смрт на таткото или поради немање финансии.
Тие додаваат дека генетските тестови чинат од 240-800 евра, што значи дека не може да си ги дозволат многу семејства.
Исто така не е јасно предвидено каква е правната поставеност на децата додека не биде докажано биолошкото татковство и како во тој меѓупериод ќе можат да ги користат своите основни права.