Меѓународната рејтинг агенција „Фич“ смета дека со доаѓањето на власт на новиот претседател Никос Анастасиадис во Кипар ќе се намали притисокот за постигнување спогодба со Тројката меѓународни кредитори (ЕК, ЕЦБ и ММФ) за доделување на спасувачка помош за островот, пренесоа руските медиуми.
„Фич“ проценува дека програмата за финансиска консолидација на Кипар нема да соддржи барање за преструктуирање на кипарскиот долг и дека од оваа гледна точка перспективата за неконтролиран банкрот на земјата е малку веројатна.
Новиот кипарски претседател изјави дека има намера да го обезбеди добивањето на спасувачката помош и сега тој има мандат до крај да ги доведе преговорите со надворешните кредитори, забележува рејтинг агенцијата.
Во јуни минатата година властите во Кипар побараа помош од своите европски партнери со цел да се рекапитализираат водечките кипарски банки, настрадани од нивниот однос кон грчките државни обврзници.
По долги преговори со Тројката се уште нема решение за спасувачката помош, која се проценува на околу 17,5 милијарди евра, од кои околу 10 милијарди евра ќе им бидат доделени на банките.