Гутереш апелира на „челични нерви“ за решавање на ситуацијата во Персиски Залив

Од:

Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш денеска испрати порака до САД и Иран поради ситуацијата во Персиски Залив.

– Имам само една силна препорака – челични нерви, истакна Гутереш.

Претходно и германската канцеларка Ангела Меркел и британската премиерка Тереза Меј денеска апелираа до САД и Иран на воздржаност и деескалација.

Портпаролката на Меркел изјави дека канцеларката ја поздравила одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од воздушните напади врз Иран.

Германската канцеларка ги повика двете страни да изнајдат начини за смирување на ситуацијата.
Додека Меј наведе дека Велика Британија е во контакт со САД за прашањата поврзани со ситуацијата во Иран.

– Веќе кажавме дека повикуваме на деескалација и одамна предочивме какви проблеми имаме со иранската активност. Не веруваме дека ескалацијата ќе биде во интерес на која било страна и ќе продолжима да разговараме со САД и нашите партнери, посочи портпаролот на Меј

Во меѓувреме рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рбјаков ги обвини САД дека намерно предизвикуваат опасни тензии со Иран и ја туркаат ситуацијата на раб од војна. Тој веста дека американскиот претседател Доналд Трамп издал па ја повлекол наредбата за воен напад врз Иран, ја оцени како „доказ дека работите излегле од контрола“.

Рбјаков исто така апелираше до Вашингтон да размисли за напад врз Иран и да ги согледа сите последици од отворен судир со Исламската Република.

Претходно, „Њујорк Тајмс“ објави дека Трамп утрово одобрил воен напад врз Иран во знак на одмазда за соборувањето на беспилотното летало вредно 130 милиони долари, но ја анулирал наредбата додека авионите биле во воздух.

– Трамп нареди напад врз Иран, ги подигна авионите, но се откажа во последен час, објави „Њујорк Тајмс“.

Потоа се огласија претставници на иранските власти, кои тврдат дека Трамп преку Оман ги предупредил дека САД е подготвена за напад.

– Трамп во својата порака рече дека е против војна со Иран и оти сака да разговара со Техеран за различни прашања… даде краток временски период за наш одговор, но непосредниот одговор од Иран беше дека Врховниот лидер (Ајатолахот Али) Хамнеи треба да одлучи за ова прашање. Објаснивме дека лидерот е против какви било разговори, но ја проследивме пораката до него за да донесе одлука… Сепак на претставникот од Оман му кажавме дека каков било напад врз Иран ќе има регионални и меѓународни последици, тврди неименуван ирански претставник.

Но, ирански владин претставник тврди дека Техеран не бил предупреден. Портпаролот на иранскиот Врховен национален совет Кејван Косрави тврди дека САД не го предупредиле Иран дека американскиот претседател Доналд Трамп подготвува напад.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија