Бизнисменот Орце Камчев, во писмо до медиумите извести дека покана за сведочење во случајот „Тортура“ од судот не добил.
„Во врска со наводните тврдења пласирани денеска во медиумите, во кои се наведува дека сум бил уредно повикан, но не сум присуствувал како сведок на денешното рочиште за случајот „Тортура“ под полна морална и кривична одговорност Ве известувам дека до мене ниту лично ниту на кој било друг начин не е доставена покана за присуство на горенаведното рочиште“, напиша Камчев.
„Доколку бев уредно повикан и ја имав примено поканата нема причина поради која што не би се јавил во судот како сведок во случајот“, наведе тој во реакцијата.
Поради отсуство на обвинетиот Метуш Шабани, бидејќи го повредил коленото на 16 јуни, судијката Александра Ристеска го одложи денешното рочиште за предметот на СЈО, „Тортура“.
Судијката констатира дека бизнисменот Орце Камчев ја примил поканата за сведок во предметот на петти јуни, но денеска не дојде да сведочи. Обвинителот од СЈО, Љубомир Лапе, побара Камчев да биде донесен со полиција на наредното рочиште. Ако бизнисменот го оправда отсуството, ќе биде повлечена наредбата за стражарно приведување.
За новинарката Оливера Трајковска немало уредна достава на поканата да сведочи во судот. Трајковска, како што образложи судијката, не се јавувала на вратата.
За експортпаролот на МВР, Иво Котевски, кој исто така е повикан како сведок на СЈО нема доказ за уредна достава на поканата за сведочење. Нив повторно ќе им биде испратена покана да сведочат на следното рочиште закажано за петти јули.