Новиот претседател на Република Кипар Никос Анастасиадис, кој вчера победи во вториот круг на претседателските избори, го назначи економистот Михалис Сарис за министер за финансии, а европратеникот Јоанис Касулидис за министер за надворешни работи, пренесе БТА.
Сарис (67) беше високо позициониран директор во Светската банка и министер за финансии од 2005 до 2008 година во кабинетот на Тасос Пападопулос, кој Кипар успешно го внесе во еврозоната.
Касулидис (64) е европратеник и еден од заменик претседателите на Европската народна партија. Тој добро го познава овој ресор, бидејќи веќе беше министер за надворешни работи во периодот меѓу 1997 и 2003 година за време на владеењето на претседателот Глафкос Клиридис. Тогаш тој одигра важна улога во процесот за присоединување на Кипар кон ЕУ.
Новата кипарска влада ќе има за задача да преговара со Европската унија и со Меѓународниот монетарен фонд за спасувачкиот план со цел Кипар да да ја избегне заканата од банкрот.