Производителите на млеко во источна Хрватска бараат да се прогласи елементарна непогода заради големата штета од појавата на алфатоксини во млекото и прекин на откуп на млеко од големите преработувачи. Тие бараат на фармерите од кои не е откупено млекото штетата да им се надомести во целосен износ.
Тие сметаат дека мерките од акцискиот план на владата се добри, но не и доволни.
– Ветувањето дека производителите на млеко ќе бидат делумно обештетени, не е доволно бидејќи тие претрпеа огромни загуби. Засега не е јасно што се случува и во чиј интерес, изјави петар Прањиќ, претставник од Заедницата на фармери од Славонија и Барања.
Тој додаде дека во првиот ден престанал откупот на млеко од 180 фарми во Хрватска, и денес според негови информации млекото не се откупува од 500 до 600 производители. Нелогично според него, е што откуп е прекинат и од фарми каде воопшто не се извршени анализи на млекото. Прањиќ се закани дека фармерите нема да дозволат „некој намерно, било да е лоби група однадвор или кој било друг, да го уништо сточниот фонд на државата и сериозно и брзо ќе дадат отпор“.