Грчките земјоделци објавија дека продолжуваат со протестите, откако нивни претставници денеска не можеа да се договорат со министерот за финансии Јанис Стурнарас и со други министри од Кабинетот за нивните барања.
– Ги слушнавме барањата на земјоделците, но нашите финансиски можности се ограничени, но и покрај тоа напорите ќе продолжат во рамки на буџетот, договорен од Владата заедно со нашите партнери, кредитори, изјави Стурнарас.
– Владата не даде ништо, рече претставник на фармерите и додаде дека утре ќе се одржат собранија, на кои ќе се донесе одлука за понатамошни дејствија на земјоделските производители.
Грчките земјоделци веќе еден месец протестираат. Владата во меѓувреме усвои пакет мерки за исполнување на нивните барања, но тие ги отфрлија како недоволни.
Тие се незадоволни од намалените приходи, повисоките камати врз кредитите, и зголемувањето на даноците. Едно од барањата на земјоделците е мажите да се пензионираат на 60, а жените на 55 години.