Изгубените генерации на Балканот

Од:

Дојче веле

Германската фондација „Фридрих Еберт“, која е блиска до Социјалдемократската партија (СПД), објави студија за состојбата на младите во шест земји од Западниот Балкан (WB6) во однос на нивните врсници од четири земји од Југоисточна Европа кои се членки на ЕУ. Во групата шест земји спаѓаат Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, а во групата земји членки на ЕУ – Бугарија, Хрватска, Романија и Словенија. Студијата за младите во Југоисточна Европа 2018/2019 е базирана на податоци собрани на репрезентативен примерок. Испитани се околу 10.000 млади луѓе од десет земји на возраст од 14 до 29 години.

Со оглед на тоа дека младите од шест земји од Западниот Балкан имаат голема надеж во демократизација и европеизација на регионот, резултатите на студијата даваат многу мрачна слика. Зошто? Прво, бидејќи перспективите за вработување се особено слаби и второ, – младите живеат во социоекономски услови кои се голема причина за нивно заминување од земјите. Освен тоа, тие ги имаат изгубено сите илузии за политиката, што покажува и многу ниско ниво на нивно учество во политичките случувања.

Невработеноста – најголем проблем

Невработеноста е типичен проблем за целиот регион. Но, на прво место е сепак Косово со 43 % од младите кои немаат работа. На второ место е Албанија со 41 %, по неа следува Босна и Херцеговина со 39 %, па потоа се Црна Гора со 29 % и Македонија со 26 %. Најниско ниво на невработеност од 20 % има во Србија. Но, оваа земја има проблем што најголем процент од младите кои имаат работа, дури 61 % од нив, работат само на одредено време во таканаречениот слободен сектор, што значи дека немаат сигурна работа.

Во споредба со шесте земји од Западниот Балкан, во членките на ЕУ – Словенија, Хрватска, Бугарија и Романија – во просек степенот на невработеност е 16 %. Општо гледано, невработеноста е поголема кај младите чии родители имаат низок степен на образование и доаѓаат од посиромашни семејства, додека оние кои работат, во принцип, се од подобро стоечки семејства.

Прифаќање корупција и партизирање

Испитувањето на младите покажува дека корупцијата, односно барањето врски и плаќање мито се широко распространети и прифатени во целиот регион на Југоисточна Европа. Голем број млади (80 % во Србија, 74 % во Црна Гора и 72 % од БиХ и Македонија) наведуваат дека постојат случаи на купување испити и дипломи. Во споредба со изминатите студии (2011 – 2015), нивото на корупција во сегментот на образование најмногу е пораснат во БиХ од 36 % на 72 %. Истражувањето покажува дека во многу земји од Западниот Балкан за да се дојде до работа пресудно е членство во одредена политичка партија. Тоа е најраширено во БиХ, каде што 77 % од младите потврдиле дека членство во политичка партија е „многу важно“ во потрагата по работа. Тоа е поврзано и со фактот дека младите најмногу сакаат да се вработат во јавниот сектор.

Токму во однос на оваа тема има најголема разлика во однос на земјите членки на ЕУ, во кои 33 % од младите наведуваат дека за барање работа е важна партиската припадност.

Но уште поважно од партиска припадност, според студијата, се врски и познанства. Степенот на квалификација игра подредена улога. Во тој сегмент во земјите од Западен Балкан, БиХ е на прво место со 86 %, Србија со 78 % е втора, а Македонија на трето место со 77 %, при што не заостануваат многу ни земјите членки на ЕУ, Хрватска, Словенија, Бугарија и Романија со 67 %. Но, факт е дека овој вид корупција е значително поприсутен во земјите кои не се членки на ЕУ, што укажува на тоа дека нивото на европеизација, поврзано со перспективата за членство, има влијание на намалување на корупцијата.

Студијата од 2018 година во споредба со студијата за периодот 2011- 2015 година покажува дека подготвеноста на младите кои сакаат да емигрираат од шесте земји од Западен Балкан е најчесто иста, со мал пад на бројките регистриран во Албанија и Косово. Меѓутоа, бројот на младите од четирите земји членки од ЕУ кои сакаат да ги напуштат своите земји е намален. Интересно е и тоа дека во Албанија младите од образованите и добро стоечки семејства се многу повеќе заинтересирани да ја напуштат земјата, за разлика од БиХ и Косово, каде што младите од таквите семејства се повеќе подготвени да останат во татковината.

Младите за ЕУ

Младите од шесте земји од Западниот Балкан (Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија) се претежно проевропски ориентирани. Нивната поддршка за членство во ЕУ е силна, особено во Македонија, каде што е 81 % и Албанија со 95 %. Само во Србија е значително намалено и изнесува 56 %. Најновата студија покажува и дека поддршката за зачленување во ЕУ меѓу младите во последните години е зголемена. Тоа значи дека младите би можеле да бидат силен фактор во идната европеизација на регионот. Но, истовремено младите поддржуваат и силна држава и поголемо учество на државата во бизнисот, што веројатно е реакција и на кражбите за време на приватизацијата и големиот број тајкуни. Тие сакаат и силен лидер.

Популарноста на социјализмот и социјалистичките идеи растат од 2008 година во сите западнобалкански земји, што е поврзано со пораст на авторитаризмот. На прв поглед контрадикторната врска меѓу поддршката на силните водачи со националистички, но и различни аспекти на продемократско однесување, укажува на комплексна политичка ситуација. Желбата на младите за силен лидер и одлучен начин на владеење треба да се сфати како оддалечување од демократијата, туку како желба политичарите да си ја работат својата работа. А таа е поврзана со големата економска несигурност.

Далеку од политиката

Збогувањето со илузиите и разочараноста на младите од политиката растат во изминатите години. Голем дел од испитаниците признава дека има ограничено знаење за политиката. Осумдесет и еден отсто од младите во БиХ велат дека не се доволно компетентни за да зборуваат за политика. Тоа не значи дека младите немаат волја да соработуваат во креирање на политиката. Осумдесет и четири отсто од младите во БиХ и 62 % од младите во Србија се согласуваат со тезата дека младите треба да добијат повеќе можности да се едуцираат за политика. Подготвеноста за ангажман во граѓанскиот сектор е помала отколку што се очекувало, но сепак е значителна. Со исклучок на Албанија и Косово, подговеноста за ангажман ја надминува од онаа во четири земји членки на ЕУ. На пример, половина од младите во Црна Гора, Србија и БиХ доброволно соработувала или била подготвена да се ангажира во граѓанското општество. Интересно е дека и младите кои подолго или пократко време се образовале во странство се повеќе заинтересирани за политика од младите кои не биле. Особено меѓу младите во Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија е забележлива потенцијална изборна поддршка за проевропски партии со социјалистичка или социјалдемократска ориентација, а посебно оние кои имаат харизматични лидери.

Вложување во младите

Во студијата чиј автор е професор по социологија во Марибор, Милан Лавриќ, се заклучува дека за да се намали невработеноста на младите треба да им се олесни вклучувањето во едукативни програми во странство и дека тие активности треба да се прошират. Посебно се препорачува учење покрај практична работа, но и создавање онлајн-платформи со сервиси кои нудат помош во барањето работа. За да се покријат потребите на компаниите за работна сила се препорачува подобра координација меѓу приватниот сектор и образовните институции. За да се намали степенот на толеранција на корупцијата при барањето работа, потребна е посилна имплементација на начелата на правната држава и владеењето на законите. Реформата на образовниот систем мора да резултира во транспарентни правила и процедури со кои би се сузбила корупцијата.

Младите кои заминале во странство би требало да се охрабрат да се вратат назад. Во тој домен треба да се воспостави соработка меѓу земјата која ги прифатила и земјата од која потекнуваат. Политичарите би требало да бараат начини да ги вклучат младите во политиката. Образовни програми за ангажманот на граѓанското општество би требало да бидат воведени во училиштата и да се практикуваат во дигиталните медиуми. И владиниот и невладиниот сектор би требало да го охрабри ангажманот на младите во граѓанскиот сектор. И конечно во извештајот се потсетува и на заклучокот на Европската комисија од 2018 година: „Западен Балкан би требало повеќе да инвестира во младите генерации, нашите идни граѓани на ЕУ и да им даваат перспектива не за минатото, туку за иднината.“

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ