Очекувавме спектакл, но дека водечкиот тим во данскиот шампионат 21 минута нема да постигне гол, малку кој претпоставуваше. За тоа се погрижи големиот Дарко Станиќ кој ја прикажа веројатно својата најдобра партија во дресот на тимот од Автокоманда.
Одличен меч одиграа ракометарите на македонскиот шампион, и со една феноменална одбрана во второто полувреме успеаја да го демолираат данскиот вицешампион од минатата сезона Силкеборг.
На почетокот на првиот дел израмнета игра на двете екипи, кои најизменично го менуваа водството. Во 14-тата минута Металург ја направи првата поголема разлика кога се одлепи на плус четири, водство кое до крајот на првиот дел успеа да го зачува и да замине на пауза со резултат од 18-14.
Вториот дел донесе нешто навистина спектакуларно. Екипата на Металург покажа зошто ја има најдобрата одбрана во Лигата на Шампионите, не дозволувајќи му на данскиот тим да постигне гол цели 21 минута во вториот дел, а вкупно 4 во целото полувреме. Дарко Станиќ имаше 14 одбрани во вторите 30 минути, со кои покажа дека моментално е најдобриот европски голман. На крајот Металург славеше со резултат од 32:18.
Најефикасен во нашиот состав беше Козлина со седум погодоци, Мојсовски и Вугринец постигнаа по шест, додека пак во данскиот состав, Рене Тофт Хансен постигна четири погодоци.