Освен интерните контроли спроведени во 2012 година, Државниот завод за ревизија од 2008 година не спровел ревизија на финансиските извештаи на сметките на Владата, покажа истражувањето на „А1 он“. Последните ревизорски извештаи на сметките на Владата се спроведени во 2006 и 2007 година, кога премиери биле Владо Бучковски и Никола Груевски. Тогаш ревизорите констатирале серија неправилности и пропусти.
На пример, во ревизорскиот извештај за Владата предводена од Владо Бучковски, пишува дека за престој на официјални делегации во странство, присуство на состаноци и конференции не биле изготвени решенија за комплетниот состав на делегацијата, особено за лица што не биле вработени во Владата, така што, не било можно да се оцени реалноста на надоместувањето на трошоците за превоз и за ноќевања.
Ревизорите тогаш констатирале и дека за патни и дневни трошоци неосновано биле исплатени 427 илјади денари. Ставката договорни услуги била поголема за 150 илјади денари за платени надоместоци за постдипломски студии во земјата на едно лице, без соодветен акт што го регулира финансирањето на овој вид трошоци, без јавен оглас и без утврдени критериуми.
Кога на чело на Владата бил Никола Груевски, ревизијата не можела да се увери во оправданоста на направените трошоци во износ од приближно 195 илјади евра, за угостителски услуги од ресторанот и бифиња на Службата за општи и заеднички работи, бидејќи спротивно на одредбите на интерниот акт СОЗР не доставила месечни компјутерски листи на фактурирани услуги по корисници на угостителски услуги до Генералниот секретар и внатрешниот ревизор во Генералниот секретаријат.
Ревизии подоцна биле извршени на сметките на Генералниот секретаријат и на Службата за општи и заеднички работи.
Ревизорите му препорачале на Груевски место советници да ги користи службите на Генералниот секретаријат
Ревизијата за 2007 година утврдила исплата на средства во висина од приближно 19 илјади евра за ангажирање домашни експерти. Владата донела Одлука за формирање канцеларија на премиерот врз основа на која претседателот на Владата по сопствен избор и слободна оценка може да ангажира надворешни соработници кои поседуваат посебни знаења и искуства во сферата на долгорочното стратешко планирање, во економскиот, културниот образовниот, стопанскиот, безбедносниот, политичкиот систем и човечките ресурси и одржливиот развој.
Ревизорите тогаш посочиле дека во согласност со Законот за Владата на Република Македонија, Генералниот секретаријат обезбедува логистичка и стручна поддршка на Владата во целина за законито, ефикасно и транспарентно работење. Препорачале Владата да ја преиспита Одлуката за формирање канцеларија на премиерот, во делот за ангажирање надворешни експерти, при што поцелисходна ја смета можноста за вклучување на експертите од ресорните мминистерства.
Мијалче Дургутов, ревизор овластен за комуникација со јавноста и медиумите при ДЗР, за „А1 он“ на прашањето од кога датира последниот извештај за ревизија на регуларност на сметките на Владата, рече: „Oдговорот е 2008 година за работењето во 2007 година. Во 2012 имаме извршено „Ревизија на интерни контроли“. Дургутов не даде конкретен одговор за кога е планирана следната ревизија на сметките на Владата.
На прашањето како се прави приоритет при опфатот на финансиската ревизија, Дурготов посочи десетици критериуми како: задолжителноста утврдена со законот, стратешките цели и приоритети на ДЗР, степенот на ризичност, обемот на јавни средства, бројот на вработени, интерес на медиуми, печат, граѓани, јавност…
Во Северна Македонија ретко кој одговара за наодите во ревизорските извештаи. Изминатата година за финансиската ревизија на сметката на „МЕПСО“ истрага води Обвинителството за организиран криминал.