Седумнаесетгодишна тинејџерка од Холандија побарала евтаназија и ја добила – е веста која вчера го обиколи светот, но подоцна беше утврдено дека не е точна.
Веста за Ноа Потховен од местото Арнхем во Холандија ја објавија угледни светски медиуми како Вашингтон пост, Индепендент, Јуроњуз и други. Беше наведено дека тинејџерката побарала евтаназија и оти и била одобрена, по што починала во нејзиниот дом.
Како што денеска јавуваат некои медиуми, причина за лажната вест најверојатно бил погрешен превод или толкување на веста за оваа тинејџерка од локалните медиуми.
Ноа навистина побарала евтаназија, но била одбиена. Таа била тешко болна од анорексија и други пореметувања веќе подолго време. Без знаење на родителите побарала евтаназија и била одбиена, напиша новинарката на порталот Политико, Наоми О’Лири на Твитер која го контактирала холандскиот новинар кој од минатата година ја следи оваа тема.
Семејството на Ноа се обидела со многу видови психијатриско лекување и таа била хоспитализирана повеќе пати. Последните месеци повеќе пати се обидела да се самоубие. Семејството дури побарало и терапија со електрошокови, но барањето било одбиено затоа што Ноа била премлада. Потоа тинејџерката инсистирала на тоа дека повеќе не сака никакви терапии и во домот на нејзините родители бил поставен болнички кревет.
На почетокот од мај почнала да ги одбива сите видови храна и течности, а нејзините родители и лекари се сложиле дека нема присилно да ја хранат.
– Таа одлука не е евтаназија. Холандските медиуми не известуваа за смртта на Ноа Потовен како за случај на евтаназија. Оваа идеја се појави само при пренесување на холандските вести во медиумите на англиски јазик, објасни О’Лири.
„Вашингтон пост“ и други медиуми во меѓувреме ја коригираа својата вест, со напомена дека „не е јасно дали докторите и помогнале во умирањето, иако претходно побарала нивна помош“. Јуроњуз од написот едноставно отстрани се што беше поврзано со евтаназија и описот на начинот на кој починала девојката.
Ноа Потховен, како што самата тврдеше, сексуално ја злоставувале во училиште уште кога имала 11 години, и кога имала 14 години ја силувале двајца возрасни мажи.
Како последица на оваа тешка траума, таа страдала од посттрауматско стресно пореметување, депресија и анорексија и стана позната откако напиша книга за нејзината долга битка со овие состојби.
Холандскиот министер за здравство Хуго де Јонге потврди дека Ноа Потховен починала дома во неделата откако одбивала храна и вода.