Унгарската партија Фидес би можела да се приклучи на новата групација во Европскиот парламент доколку останувањето во Европската народна партија (ЕПП) не се совпадне со националните интереси, изјави претседателот на таа партија и премиер на Унгарија Виктор Орбан.
ЕПП во март ја суспендираше Фидес поради непочитување на владеењето на правото, медиумските слободи и правата на малцинствата во земјата.
– Ние сме членка на ЕПП и ќе видиме во која насока ќе оди ЕПП…дали ќе можеме да влијаеме и дали е во согласност со интересите на Унгарија и унгарскиот народ, истакна Орбан.
– Ако е одговорот ДА, тогаш ќе останеме, во спротивно ќе бидеме дел од друга групација, изјави Орбан без да прецизира за која нова групација станува збор.
ЕПП е релативен победник на изборите за Европарламентот, но со помалку мандати отколку во претходниот состав, поради што ќе мора да формира коалиција со најмалку две политички групи за да има мнозинство, потсетува Хина.
Што се однесува на прашањето за нов претседател на Европската комисија, Орбан изјави дека би поддржал кандидат кој ги споделува антиимигрантските ставови, кој има „национално чувство“ и кој е подготвен да ја брани христијанската култура.
– Имаме на ум таков кандидат, и тоа не само еден, рече Орбан, одбивајќи да го именува.
Фидес освои повеќе од 52 отсто од гласовите во Унгарија на изборите за Европскиот парламент и со тоа освои 13 мандати.