Северна Кореја изгледа го искористи застојот во преговорите со САД за нуклеарната програма за да тестира ракети, со оглед на тоа што е тешко да се лансираат проектили додека траат преговорите, изјави поранешниот припадник на ЦИА Ендру Ким.
– Мислам дека развиле проектили, но не потврдија дали тие функционираат, па искористија прилика да ги тестираат, затоа што тоа нема да можат да го прават кога ќе продолжат разговорите, рече Ким кој се пензионира од функцијата шеф на Центарот на мисии на ЦИА за Корејскиот полуостров.
Ендру Ким смета дека Северна Кореја го направила она што морала во овој момент и оти, доколку тестовите се успешни, веќе нема да спроведува проби.
– Според мене, тие тоа ќе го направат уште еднаш или два пати, а потоа ќе се вратат на преговорите, рече Ким.
Северна Кореја претходно месецов истрела две ракети со краток дострел во Источното Море, а пет дена претходно лансираше неколку проектили.
Во исто време портпаролката на Стејт департментот Морган Ортагус изјави дека целата севернокорејска програма за оружје за масовно уништување ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Таа ова го изјави одговарајќи на прашање во врска со неодамнешните ракетни проби на Пјонгјанг. Ортагус истакна дека она што Вашингтон се обидува е да преговара и да обезбеди „мирен прекин на севернокорејската програма за оружје за масовно уништување“.