Пијано виртуозот Борис Березовски со два концерти во Скопје – како солист и како диригент!

Од:

Рускиот виртуоз на пијаното, еден од најбараните солисти на денешнината, Борис Березовски, во Скопје настапува со два концерти.

Првиот, кој ќе се одржи на 29 мај во Камерната сала на Филхармонија во 20 часот, е негов рецитал, кога ќе настапи со изведба на дела од Шуман (Пијано квинтет во Es-dur, оп. 44), Балакирјев („Исламеј“ оп. 18) и Григ (6 Лирски пиеси оп. 54 од Книга 5).

На рециталот, заедно со Березовски, ќе настапат и македонските извонредни музички уметници: Анна Кондратенко – виолина, Владимир Костов – виолина, Бојан Талески – виола и Александар Котевски – виолончело.

Веќе наредниот ден, на 30 мај со почеток во 20 часот, Березовски ќе настапи како солист со Филхармонијата на симфонискиот концерт под наслов „Кодот на Березовски“. Рускиот волшебник на пијаното ќе изведе два концерти за пијано и оркестар едноподруго, кога ќе биде и самиот диригент – Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев и Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Дмитриј Шостакович.

Оваа вечер ќе биде изведена и Симфонија бр. во 2 од Александар Бородин, под диригентство на младиот Виктор Митревски, кој годиниве наназад кариерата ја гради на европските музички подиуми.

Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и во светот. Музичката критика едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката што ја изведува. Студиите ги завршува на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршува со Александар Сац. По неговото деби во лондонскиот „Вигмор хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. По две години, тој ги докажува своите квалитети на престижниот конкурс „Чајковски“ во Москва, каде што ќе му биде доделен златен медал.

Оттогаш настапува со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, со диригенти како што се Курт Мазур, Владимир Ашкенази, Михаил Плетњов, Дмитри Китаенко, Антонио Папано, Густаво Дудамел… Со рецитали и како камерен музичар, Борис Березовски настапува редовно на пијано-сериите на Берлинската филхармонија, на пијано-сериите на амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал фестивал хол“ во Лондон, на фестивалот „Вербие“ или фестивалот „Ла рок д‘Антерон“… Березовски соработува со истакнати музичари како што се Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшиков… Зад него се бројни аудиозаписи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел…, а меѓу нив и носачи на звук што ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен во изведба на Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со диригентот Дмитри Лис, или сите трансцендентални етиди на Франц Лист.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска