Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министрите за финансии и за образование и наука, Драган Тевдовски и Арбер Адеми, во рамки на Виенскиот економски форум „Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија“ го презентираа потенцијалот за инвестирање во земјата и тоа во областа на инфраструктурата и енергетиката, во финанскиот сектор, како и можностите за инвестирање во човечкиот капитал.
Зборувајќи за инвестициските можности во Република Северна Македонија, вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека земјата нуди многу можности за инвестиции во многу области и дека сега е вистинското време за странските инвеститори да ги реализираат своите инвестициски проекти токму во нашата земја. Тој нагласи дека во 2018 година забележани се позитивни економски показатели, што се резултат на напорната работа на Владата на Република Северна Македонија.
Вицепремирот потенцира дека владините економски политики се креирани согласно анализите и можностите на Република Северна Македонија, со цел да се максимизира економскиот потенцијал на земјата и да обезбеди повисок и одржлив економски раст, а со тоа и повисок животен стандард за граѓаните.
-Доколку се анализира структурата на бруто домашниот производ, лесно се воочува дека во голема мерка тој се создава во четири столба: индустријата, во која се вклучени енергетката и рударството, градежништвото, земјоделството, како и во трговијата која е составен дел на претходните три. Задоволни сме со растот во сите гранки во минатата година, но исто така сме свесни дека постои голем простор за подобрување на секоја од гранките. Во однос на индустријата, веќе споменав дека со Законот за финансиска поддршка, кој е во согласност со ЕУ легислативата, се овоможува силна финансиска поддршка, како и даночни и царински олеснувања за новите инвестиции, која може да достигне до 50 отсто од висината на инвестицијата. Тука се вклучени мерки за финансиска поддршка кои подразбираат поврат на 10 отсто од направена нвестиција и дополнителни 10 отсто поврат на инвестицијата доколку компанијата е извозно ориентирана, како и мерка за поврат на 20 отсто од исплатените нето плати за вработените, кои изнесуваа над 50 отсто од минималната плата во државата. Важно е дека системот за поддршка е многу транспарентен и секој инвеститор однапред може да пресмета колку поддршка може да очекува од државата, подвлече Анѓушев.
Северна Македонија, како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, успешно ја одржуваше макроекономската и финансиската стабилност во минатото и „решени сме така да биде и во иднина“ и на тој начин, како што додаде тој „на постојните, но и на потенцијалните странски инвеститори им гарантираме стабилност“.
-Клучните параметри на оваа макро стабилност исто така ја рефлектираат нашата стратешка определба да се доближиме до ЕУ и да станеме земја членка, односно нашата валута е цврсто поврзана со еврото, со непроменет паритет повеќе од две децении, инфлацијата е ниска и стабилна, а буџетскиот дефицит ретко надминува три отсто од БДП – годинава очекуваме дефицит од 2,5 отсто. Понатаму, одржуваме блиски економски врски со Западот: 80 отсто од нашиот извоз во 2018 година заврши во ЕУ (и уште 11 отсто во нашите соседи надвор од ЕУ), а речиси 80 отсто од странските директни инвестиции во Северна Македонија доаѓаат од ЕУ, истакна Тевдовски.
Во своето обраќање, министерот за финансии посочи дека за потенцијалните инвеститори е особено значајно дека регулативата во финансискиот систем е усогласена со ЕУ, и дека во Република Северна Македонија се нудат неколку можности за инвестирање во финансискиот систем, односно гринфилд инвестиции, како и инвестиции со заеднички капитал со меѓународни финансиски институции.
Имајќи го предвид фактот дека глобалниот тренд за пораст на потребата од стручен кадар ја зафаќа и Република Северна Македонија, покрај реформите во основно и високо образование, како што рече министерот за образование и наука, Арбер Адеми, прават крупни промени во областа на средното образование, со фокусот на стручното образование.
-Имам задоволство да информирам дека со поддршка од Светска банка изготвивме вкупно 1040 нови наставни програми кои се засноваат на резултатите од учење и оценување на резултатите од учењето. Ако на ова ја додадеме и изработката на нови учебници по оние предмети по кои имаше потреба од дополнување и осовременување на податоците и содржината, очекувам значително подигнување на креативноста на часовите и интересот на учениците за акумулирање на нови знаења, рече меѓу другото министерот Адеми во своето обраќање.
Тој додаде дека пред три години во земјата, во едно средно училиште од областа на електротехниката се воведе дуално образование, кое си најде врвна партнерска компанија за имплементација на планот за едукација на учениците, кој подразбира повеќе практична настава за нив и тоа непосредно на работно место. Минатата година, концептот се воведе и во две други училишта, заедно со неколку партнерски компании, а од септември кога стартува новата учебна година се опфаќаат нови и нови училишта.
Во рамки на дискусијата на Виенските економски разговори, беше истакнато дека постојат неколку апсекти во работењето на Владата што се за потенцирање, односно транспарентното носење на одлуки и вклученост на сите инволвирано во тој процес. Дел од говорниците, исто така, потенцираа дека Северна Македонија е отворена и за новите инвеститори нуди повеќе од совршени услови за работење, соопшти владината прес-служба.