Македонскиот ракометен шампион во машка конкуренција, Металург веќе размислува за осмина-финалето од Лигата на шампионите. Останува уште една пречка пред да се постигне најголемиот клупски успех, второто место во групната фаза од најквалитетното натпреварување.
Во недела треба да се победи дански Бјерингбро и да се потврди второто место во групата, што ќе им донесе „полесен” противник во ждрепката, закажана за вторник. Таму сигурни третопласирани се Атлетико Мадрид и Динамо Минск. Шпанскиот тим, кој е единствен што настапувал на завршницата последниве три сезони, сезонава игра променливо, а во своите редови го има македонскиот интернационалец Kирил Лазаров, кој е негова најголема ѕвезда.
Капитенот на нашата репрезентација изјави за „Дневник“ дека посакува во осмина-финалето да гостува во Скопје против Металург. Тоа би било шанса повторно да се присети на убавата атмосфера во салата „Борис Трајковски” со исполнети трибини. Навивачитe на ваква пресметка првпат нема да се радуваат на постигнатите голови од репрезентативниот капитен.
„Ние имаме згуснат распоред и немаме многу време однапред да размислуваме за она што не очекува. Можеби во клубот и се размислува, но никој јавно не зборува. Сега сме фокусирани на домашното првенство, на Kралскиот куп и на Лигата на шампионите. Играме во ритам среда – недела, а тоа не дозволува многу да размислуваме за нешто што би било за неколку недели. Но, јас би сакал да играме против Металург, бидејќи знам каква ќе биде атмосферата, сакам да играм пред полна сала, пред моите сонародници. Тоа секогаш ме мотивирало. Желбите се едно, а среќата при ждрепката нешто сосема друго“ – изјави Лазаров.
Според него, играњето со Металург нема да биде воопшто лесно, иако веројатно многумина би го посакувале за ривал, со оглед на тоа што скопјани немаат големо искуство во играње во завршната фаза на ЛШ.