Уредникот на Викиликс смета дека сега е шанса Асанж да го „исчисти своето име“

Од:

Главниот уредник на Викиликс, Кристин Храфнсон смета дека одлуката на Шведска повторно да ја отвори прелиминарната истрага за обвиненијата за силување против основачот на Викиликс Џулијан Асанж ќе му даде шанса на Асанж да „го исчисти своето име“.

Храфнсон во соопштение наведе дека шведската обвинителка Ева Мари Персон била под „жесток политички притисок“ повторно да го отвори случајот против Асанж.

Тој исто така оцени дека случајот лошо се води уште од самиот почеток.

Заменичката на шведскиот главен обвинител, Ева Мари Персон денеска соопшти дека Шведска повторно ќе ја отвори прелиминарната истрага за силување против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, која беше прекината во 2017 година. Таа додаде дека откако Асанж ја напуштил Амбасадата на Еквадор, може повторно да се продолжи со истрагата.

Одлуката на Персон беше објавена откако адвокатката Елизабет Маси Фриц, која застапува жена која тврди дека е силувана од Асанж за време на посетата на Шведска во 2010 година, поднесе барање за повторно отворање на истрагата на 1 април. Асанж ги негираше обвинувањата.

Барањето беше поднесено истиот ден кога британската полиција го уапси Асанж од Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот државјанин помина седум години во Амбасадата на Еквадор за да избегне апсење и екстрадиција во Шведска.

– Со оглед на тоа што господинот Асанж моментално е во затвор во Велика Британија, околностите дозволуваат да биде екстрадиран во Шведска врз основа на налог за силување, изјави Персон.

Шведскиот адвокат на Џулијан Асанж рече дека е „многу изненаден“ од одлуката за повторно отворање на прелиминарната истрага за силување против основачот на Викиликс.

– Неразумно е да се мачи лице кое е на издржување затворска казна во Англија и за кое (само што) е побарано да биде екстрадирано во САД поради неговата новинарска работа, изјави Пер Е Самуелсон.

Адвокатот исто така изрази сомневање дека Асанж ќе биде обвинет за силување во Шведска.

Би можело да ве интересира

Британскиот суд денеска ја носи конечната одлука за Асанж

САД му дадоа гаранции на британскиот суд за Џулијан Асанж

Бајден: Размислуваме да се откажеме од гонењето на Џулијан Асанж

Сопругата на Асанж: Џулијан е политички затвореник, Бајден да се откаже од случајот

Асанж би можел да избегне екстрадиција

САД: Бараме екстрадиција на Асанж поради откривање извори