Француската полиција употреби денеска солзавец во судирите со маскирани демонстранти во Лион и Нант, за време на 26-от протест по ред на „жолтите елеци“ против претседателот Емануел Макрон и неговата програма за економски реформи.
Демонстрантите во Нант фрлале шишиња и кршеле излози од продавници, додека во Лион полицијата употреби солзавец во обид да ги одбие демонстрантите од централниот Плас Белкур.
Макрон минатиот месец, по неколку недели национална дебата, возврати ветувајќи дека ќе ги намали даноците и се извини за своите, понекогаш остри одговори.
– Големата дебата беше само димна завеса, денеска употребија солзавец против нас, истакна еден демонстрант, додавајќи дека протестите ќе продолжат иако бројот на присутните е намален.
Денешниот протест во Париз беше мирен. Демонстрантите на дожд маршираа и носеа транспаренти против францускиот претседател.