Северна Кореја денеска објави дека тестираше оружје со долг дострел, со што се зголемија тензиите со САД, еден ден откако американски суд заплени севернокорејски товарен брод под обвинение дека ги крши меѓународните санкции.
Објавата на Пјонгјанг е спротивна на вчерашната информација на Генералштабот на јужнокорејската армија дека вчера се истрелани две ракети со краток дострел кои летале 420 односно 270 километри.
– Врховниот лидер Ким Џонг-ун е запознаен со планот за изведување на вежбите… со помош на неколку ударни средства со долг дострел и издаде наредба да почне вежбата, објави севернокорејската агенција КЦНА, не наведувајќи го типот на тестирано оружје, а исто така не е употребен зборот ракета.
Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека „сериозно“ ја проучува ситуацијата.
– Никој не е среќен поради ова што се случува. Односите продолжуваат, но ќе видиме, истакна Трамп додавајќи оти мисли дека Севернокорејците всушност не се „подготвени за преговори“.
Северна Кореја официјално не лансирала ниту една ракета од ноември 2017 година, кога лансираше интерконтинентална балистичка ракета, која може да стигне до американска територија.
Претседателот на Јужна Кореја Мун Џае-ин предупреди дека вчерашното лансирање на проектили „би можело да ги отежне преговорите“ со САД за нуклеарната програма.