Со премиера на претставата „Бакхи-краток преглед на распадот“ која на матичната сцена ќе ја изведе ансамблот на НУ Народен театар-Битола, вечер во овој град почнува 21. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама.
Од НУ Центар за култура-Битола информираат дека годинава на фестивалот во Битола, до 13 мај, во натпреварувачкиот дел ќе бидат изведени 12 монодрамски претстави од актери кои доаѓаат од 9 европски држави.
Програмата во конкуренција ќе ја почне турскиот актер Јешим Озсој кој во Битола ќе ја изведе монодрамата „Куќа од стотина“, а веднаш по него ќе настапи Ксенија Прохаска, актерка од Хрватска која ќе ја одигра монодрамската претстава „Марлен Дитрих“.
Од НУ Центар за култура, организатор и домаќин на фестивалот, информираат дека во Битола ќе настапат и словачкиот актер Камил Бистрикт кој ќе ја изведе монодрамата „Вишеград минус 1“, гостинката од Хрватска Миа Беговиќ ќе ја изведе монодрамата „Се што сум премолчела“, актерката Маја Бежанска од Бугарија ќе ја изведе монодрамата „Комедијантка“, додека монодрамата со наслов „Трите животи на Исидора Данкан“ на сцената во Битола ќе ја одиграм Јана Лазар од Молдавија.
На најновото издание на Интернационалниот фестивал за монодрама, публиката ќе може да го следи и настапот на рускиот актер Игор Ларин кој од Санкт Петерсбург пристигна во Битола за да ја изведе монодрамата „Забелешки на покојниот“, од Црна Гора во градот под Пелистер ќе настапи актерот Слободан Маруновиќ кој ќе ја изведе монодрамата „Последниот час на Његош“, а од Монголија како член на Монголскиот државен академски театар за драма доаѓа актерот Бајасгалан Церендор, кој ќе ја изведе монодрамата „Јас сум Едит Пјаф“.
Во напреварувачкиот дел на фестивалот ќе настапат и македонските актери Бобан Алексоски со претставата „Дневникот на лудиот“ и Димитрина Мицкоска со монодрамата „Женска утопија“.
Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2019“ завршува на 13 мај со прогласување на најдобрите и со изведба на соло перформанс „Пасија по Биби“ во изведба на актерот Петар Милошевски, кој живее и работи во Велика Британија.