Велика Британија је многу загрижена поради денешната објава на Иран дека ќе престане да се придржува до делови на договорот од 2015 година со кој се ограничува нуклеарното вооружување, соопшти портпаролот на премиерката Тереза Меј.
– Многу сме загрижени поради објавата, го повикуваме Иран да продолжи со исполнување на обврските од договорот и да не презема чекори кои би довеле до ескалација, изјави портпаролот.
Тој рече дека договорот ќе остане во сила се додека Иран се придржува до своите обврски, и објасни дека се работи за круцијален договор кој светот го прави побезбедно место за живеење.
Иранскиот претседател Хасан Рохани претходно предупреди дека Техеран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор и им даде рок од 60 денови на земјите потписнички да го исполнат своите обврски, посебно за банкарските и нафтените сектори.
Рохани посочи дека Иран ќе продолжи со високо ниво на збогатување на ураниум доколку светските сили не придржуваат до ветувањата дадени во рамките на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година.
Рохани во телевизиското обраќање наведе дека земјите потписнички на Договорот – Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија имаат 60 денови да ги исполнат своите обврски за да ги заштитат нафтените и банкарските сектори на Иран од американските санкции.
Ако петте земји се приклучат во преговорите и му помогнат на Иран да добие корист во областа на нафтата и банкарството, Иран ќе се врати на своите обврски од нуклеарниот договор, потенцира Рохани.
Тој посочи дека Иран сака да преговара за новите услови со преостанатите партнери, но призна дека ситуацијата е сериозна.
– Чувствуваме дека на нуклеарниот договор му е потребна операција, а таблетите против болки од минатата година не се ефикасни. Ова е операција за спас на Договорот, не негово уништување, наведе Рохани.
Рохани посочи и дека преку писма ги известил светските лидери оти Техеран нема да се придржува до ограничувањата за резервите со збогатен ураниум и тешка вода, ако во рок од 60 денови да се одредат нови услови на нуклеарниот договор.
– Доколку истече рокот, а не се постигнат подобри услови, Иран ќе почне со поголемо збогатување на ураниум. Доколку другите земји ги исполнат барањата, Иран ќе се врати на првичните ветувања од нуклеарниот договор од 2015 година, наведе Рохани во писмата испратени до лидерите на Велика Британија, Кина, Европска Унија, Франција, Германија и Русија.
Обраќањето на Рохани се совпаѓа со годишнината од повлекувањето на САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.