Изложба на Цветанка Јованова-Хермес во Крива Паланка

Од:

Дваесет и едно дело од два творечки циклуси на академскиот сликар Цветанка Јованова-Хермес од денеска се изложени во галеријата на Националната установа Центар за култура-Крива Паланка.

Изложбата е сочинета од дела од двете последни изложби на Јованова-Хермес, насловени „Што сум јас“ и „Кој сум јас“.

– Изложбата е дел од годишната програма на установата, поддржана од Министерството за култура, во рамки на превземање изложби. Она што е привлечно и истовремено инспиративно се пораките испишани на делата, но и суптилните пораки кои оставаат простор за лична интерпретација на секој гледач кој ќе ја пронајде директната порака на авторката, рече Мира Ѓоргиевска, директорка на НУЦК Крива Паланка.

Според Јованова-Хермес сликите од двата сегменти на постановката се одговори на прашањата „Што сум јас“ и „Кој сум јас“ по кои трага изминатите три години.

– Едниот циклус е масло на платно, а другиот „Кој сум јас“ е работен во комбинирана техника. Покрај испишани пораки и скриените се содржани во секое дело, а истите се пораки од директното искуство од тоа која сум јас, по потрагата во која трагајќи се најдов сама себе, рече авторката Јованова-Хермес.

Според неа, човекот е човек, нема машко- женски принцип,нема горе- долу, нема ниту лево и десно, туку само „јас“- постоење.

Цветанка Јованова-Хермес дипломира на Универзитетот за ликовни уметности во Благоевград, Бугарија во 2001 година, отсек – графика, а магистрира на истиот отсек и на Ликовната академија во Скопје.

Досега има организирано 16 самостојни изложби, а учествувала на стотина групни изложби, ликовни колонии и работилници.

– Драго ми е што на изложбата се присутни голем број ученици, бидејќи младите се стожерот на нацијата и човештвото, воопшто. Оваа изложба ја посветувам на мојот татко, кој беше мој голем поддржувач во се, а најмногу во мојата уметничка дејност, зашто многу е тешко да се биде уметник, додаде Јованова-Хермес.

Изложбата ќе биде поставена во кривопаланечкиот Центар за култура во следните десет дена, а одговорните повикаа сите граѓани, љубители на уметноста да ја посета.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска