Инспектори од Националната санитарно-ветеринарна агенција во Романија вчера открија пакети со коњско месо, етикетирано како говедско во складиште во округот Илфов, во близина на Букурешт, изјави шефот на агенцијата Михај Цуркану.
Станува збор за околу сто килограми месо, кое потекнува од магацин во централниот округ Алба. Според Цуркану, управителот на складот во Алба, признал дека ги фалсификувал етикетите.
Според агенцијата, грешно етикетираното месо било наменето за внатрешниот пазар, а не за извоз.
– Не може да се прави поврзаност меѓу тој изолиран случај во Илфов и ситуацијата во другите членки на ЕУ, истакнуваат претставници на агенцијата.
Според Цуркану, станува збор за „игра со документи меѓу две фирми“.
Властите ги заплениле компјутерите на фирмата, за да го проследат патот на месото.