Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, изутринава пристигна на аеродромот во Скопје со што ја почна историската Апостолска посета на Република Северна Македонија.
Папата на аеродромот официјално ќе биде пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, но и на традиционален македонски начин, со леб и сол.
Во делегацијата што го пречека светиот отец беа и вицепремиерот Бујар Османи, шефот на дипломатијата Никола Димитров и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
По церемонијата на пречекот, понтифот се упати кон претседателската вила Водно каде што ќе се одржат официјалнитре средби, а тој ќе има обраќање пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Папата потоа ќе има средба и со верските лидери во Спoмен куќата на Мајка Тереза.
На плоштадот „Македонија“ поглаварот на Римокатоличката црква ќе отслужи Света литургија на која се очекува да присуствуваат повеќе од 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство.
По литургијата папата ќе одржи екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.
Посетата на папата Франциск, се оценува како историски чин, а се реализира во исклучително важен период за земјава, кога исчекорува по патот на европските и евроатлантските интеграции, ја зацврствува внатрешната кохезија и носи пораки за помирување и солидарност.
Поради посетата на папата во Скопје денеска има посебен безбедносен и сообраќаен режим.