Во пресрет на патувањето на папата Франицск во Скопје, МИА ги анализира досегашните посети на поглавари на Римокатоличката црква на Грција, пораките што тие ги испратија од јужниот сосед, реакциите што ги предизвикаа, како и за значењето на утрешната посета на Северна Македонија.
Папата Јован Павле Втори и папата Франциск, се двајцата поглавари на Римокатоличката црква кои биле во посета на Грција. Јован Павле Втори, кој воедно беше и прв папа што ја посети Грција, во 2001 од Атина испрати порака за обединетост и единство, а папата Франциск во 2016 го посети грчкиот остров Лезбос од каде што за Ватикан замина со 10 бегалци, јави дописничката на МИА од Атина.
Пред точно 18 години, на 4 мај 2001, тогашниот папа Јован Павле Втори беше во дводневна посета на Атина и оствари средби со тогашниот грчки државен врв. Беше примен од претседател на Грција, Константинос Стефанопулос, премиерот Костас Симитис, претседателот на Парламентот, Апостолос Какламанис и претседателот на Нова демократија Костас Караманлис, а се сретна и со тогашниот архиепископ Христодулос.
Вториот дел од посетата беше посветен на верниците и во затворената спортска сала во Атина одржа миса на која присуствуваа околу 15 илјади Грци католици. На двочасовната литургија папата ги поттикна верниците „да чекорат заедно во единството на верата и во почитувањето на нивните легитимни разлики, да се прифатат едни со други и меѓусебно да се поддржуваат како делови на Христовото тело“.
Според написите во грчките медиуми од тој период, за безбедноста во Атина биле ангажирани над 7000 полицајци, а биле акредитирани над 500 новинари од целиот свет.
Слични беа безбедносните мерки и пред три години, но на грчкиот остров Лезбос. Во период додека ескалираше проблемот со бегалците и мигрантите, актуелниот поглавар на Римокатоличката црква заедно со вселенскиот патријарх Вартоломеј и атинскиот архиепископ Јеронимос на 16 април 2016 го посетија Лезбос, островот најпогоден од бегалскиот и мигрантски бран. Ова воедно беше и втора посета на Папа на Грција и прва по пауза од 15 години.
Тогаш, папата Франциск, од Лезбос за Ватикан замина со 10 бегалци, симболичен чекор што испрати порака до европските земји, а со вселенскиот патријарх Вартоломеј и атинскиот архиепископ Јеронимос потпишаа и заедничка декларација.
-Од Лезбос упатуваме апел до меѓународната заедница со храброст да одговори во справувањето со оваа огромна хуманитарна криза и со нејзините основни причини, преку дипломатски, политички и добротворни иницијативи и преку колективни напори, како на Блискиот Исток, така и во Европа, пишува меѓу другото во декларацијата.
Неколкучасовната посета на папата на грчкиот остров изобилуваше со емотивни моменти: бегалец побара благослов од него, дете бегалец му даде писмо за неговите роднини во Италија, слушна песнички од дечињата, неколку пати го прекрши протоколот – ѝ дозволи на жена, која успеа да ја пробие полициската блокада да стигне до него, а ручаше во прифатниот центар на Лезбос. На бегалците сместени во кампот Морија им порача да не губат надеж, бидејќи не се сами.
-Дојдов тука, со моите браќа, со вселенскиот патријарх Вартоломеј, и со архиепископот Јеронимос, само за да бидам со вас и да ги слушнам вашите приказни. Дојдовме, за повторно да го свртиме вниманието на светот на оваа тешка хуманитарна криза. Дојдовме за да упатиме апел за да се најде решение. Би сакале да ги обединиме нашите гласови со вашите гласови, да говориме во ваше име како луѓе што ја претставуваат верата, со надеж дека светот ќе ги слушне овие трагични и очајни ситуации и ќе одговори на достоен начин на нашата хуманост, рече поглаварот на Римокатоличката црква во неговото обраќање пред три години од грчкиот остров.
Папата Франциск, вселенскиот патријарх Вартоломеј и атинскиот архиепископ Јеронимос посетата на Лезбос пред три години ја завршија со заедничка молитва, една минута молк и со фрлање венци во морето за бегалците што ги загубија нивните живот на патот кон Европа во потрагата по подобра иднина.
Заедно со тројцата духовни водачи, на Лезбос беше и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Лударос: Позитивна е секоја посета на папа на православна земја
Во пресрет на посетата на папата Франциск на Скопје, дописничката на МИА од Атина, поразговара со искусниот грчки новинар и директор на информативниот портал за црковни вести „Ортодоксија“, Андреас Лударос како во однос на претстојната посета на Северна Македонија, така и во однос на посетите на Поглаварите на Римокатоличката црква на Грција.
-Секој пат кога папата посетува една православна земја е нешто позитивно, бидејќи тоа е исклучително важно за христијаните од сите деноминации, а особено за православните и католиците, да дадеме тежина на сѐ што нѐ обединува, наместо да го зголемуваме она што нѐ разделува, коментира Лударос во однос на посетата на папата на Скопје.
Директорот на „Ортодоксија“ се потсетува и на посетите на Грција на двајца поглавари на Римокатоличката црква. Вели дека беше историски момент првата посета на Атина, на папата Јован Павле Втори во мај 2001 година иако тогаш постоеле негативни реакции.
-Тоа беше историски момент, бидејќи за прв пат поглавар на Римокатоличката црква беше во земјата што се смета за најважната православна земја во Европа. Имаше доста реакции од дел од христијаните кои не сакаа да папата да биде во Атина. Но, испратената порака беше многу важна за обединетоста и дијалогот. Папата Јован Павле Втори карактеристично рече дека „Поделбата на христијаните е грев во очите на Бога…“ и се извини за злосторствата на крстоносците во Истанбул. Сегашниот папа ја посети Грција во 2016 година. Заедно со вселенскиот патријарх Вартоломеј и Атинскиот Архиепископ го посетија хот-спотот на Лезбос каде што имаа можност одблизу да ја видат драмата на бегалците и да упатат заеднички апел до целиот свет за солидарност со бегалците, вели Лударос за МИА.
Грчките медиуми ја најавуваат посетата на папата на Северна Македонија
Медиумите во Грција веќе ги најавија посетите на поглаварот на Римокатоличката црква на Бугарија и Северна Македонија. Грчката новинска агенција АНА-МПА во извештајот од Скопје посветен на вчерашниот втор круг од претседателските избори коментира дека изборите се одржаа со вниманието насочено кон посетата на папата.
-Недела попладне, на централниот плоштад во Скопје, работниците со засукани ракави и покрај дождот, се бореа со времето за да е подготвена бината од која папата ќе одржи литургија, јавна литургија, на која се очекува да присуствуваат илјадници верници не само од Северна Македонија, каде што бројот на католиците е многу мал, туку и од многу други земји од регионот и пошироко, пишува АНА-МПА и пренесува изјави на двајца верници од Загреб и Љубљана кои во Скопје пристигнале за да ја следат мисата.
Во текстот од Скопје, грчката државна агенција коментира дека градот во вторник ќе биде под драконски безбедносни мерки.
Папа Франциск: Реченицата на Ципрас „Човековите права се пред договорите“ заслужува Нобел
На почетокот на минатиот месец, само еден ден пред посетата на грчкиот премиер на Скопје, папата Франциск, одговарајќи на новинарски прашања рече дека реченицата „Човековите права се пред договорите“, што ја слушнал од Алексис Ципрас во врска со бегалците и мигрантите, ја заслужува Нобеловата награда.
-Еднаш, разговарав со еден политичар, со еден човек кој јас го почитувам и ќе го кажам неговото име. Алексис Ципрас. Разговарајќи за договорите за недозволувањето да влезат (мигрантите), тој ми ги објасни тешкотиите, но на крај ми говореше од срце и ја кажа следната реченица: „Човековите права се пред договорите“. Оваа реченица ја заслужува Нобеловата награда, рече Папата Франциск на први април годинава.