Политиката во Македонија сè уште не е на идеалното ниво на развојот, односно и натаму е во рацете на партиите и тие одлучуваат кој ќе победи, а не самите граѓани, рече во обраќањето до јавноста професорката и кандидатка за претседател Гордана Сиљановска-Давкова.
„Контингенти од гласовите во вториот круг се пренесоа кај оние кои преговараа“, додаде таа.
Призна дека победата на претседателските избори му припаѓа на противкандидатот Стево Пендаровски, но јавно запраша дали ваквиот резултат води кон помирување и обединување, или означува поделба внатре во државата, по повеќе основи.
„Оваа победа има карактер на интраетничка поделба и го наметнува прашањето дали фразата ‘заедно наред’ навистина го означува тоа“, посочи Сиљановска.
Таа се заблагодари истакнувајќи дека да се добијат речиси 370 илјади гласови е голема чест.
„Разговорите со граѓаните се голема инспирација за мене како човек. Знам дека Вардар победи, знам дека победи противкандидатот, а јас ја загубив битката“, додаде професорката образложувајќи дека иако бројките говорат за пораз, таа се чувствува посмирено, побогато и продуховено. „Згора на тоа станав позната по улиците како Гога, тоа е нешто што е новост на македонската политичка сцена“, нагласи Сиљановска.
„Од срце ви благодарам на сите кои веруваа дека некој кој не е член на партија може толку многу да се зближи со членовите, симпатизиерите, коалиционите партии, но најмногу со граѓаните“, истакна таа.
Вечерва седиштето на ВМРО-ДПМНЕ го посети и францускиот амбасадор, Христијан Тимоние, а запрашана за неговата посета, Сиљановска одговори дека истото било со цел лично да се запознаат.
„На лично барање дојде францускиот амбасадор, дојде да ме види, ми изрази комплименти и се запознавме“, појасни професорката.
Васко Маглешов