Бугарската влада го објави своето распуштање, по протестите низ земјата против мерките за штедење и високите цени за струја, пренесува бгнес.
„Нема да бидам дел од Влада, во чие владеење, полицијата го тепа народот. Народот ни ја даде власта, денеска му ја враќаме“, се обрати Борисов во парламентот.
„Вчера направивме максимум што можеме, за да одговориме на барањата на демонстантите. Од денеска немам што повеќе да направам за да им помогнам. Не можам повеќе да го гледам Орлов мост, крвав“, додаде Борисов.
Бугарската агенција БТА јави дека Борисов напладне ќе понуди оставка по редовен состанок.
Борисов ја презеде власта во јули 2009 година. Редовните парламентарни избори треба да се одржат во јули. Според аналитичари во Бугарија, можно е гласањето да се одржи во крајот на април, јавува ДПА.