„Не треба да сте експерт за да заклучите дека во историјата на европските избори не се случило за 18 месеци да загубите 40 отсто од гласовите или околу 200 илјади. Тоа е предупредување за пораз, не само на претседателските, туку и на идните предвремени парламентарни избори, изјави кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.
За изборните резултати, рече дека не се само за враќање на ВМРО-ДПМНЕ, туку за претседател.
„Погледнете ги резултатите во главниот град, ќе го видите земјотресот политички”, рече таа.
Сиљановска додаде дека власта ја пречекорува линијата меѓу државата и партијата.
„Кампањата не е место кадешто треба да се појавуваат премиерот, министерот за одбрана, а уште помалку министерот за внатрешни работи, бидејќи тие се и мој премиер и мои министри. Иако не се парламентарни избори тие треба да се однесуваат технички. Значи пречекорена е линијата меѓу државата и партијата”, рече Сиљановска.
Сиљановска додаде дека ќе се обиде да ги придобие и гласовите на апатичните оние кои не излегле да гласаат, како и на „Бојкотирам” со кои веќе имала една средба во Штип, каде им порачала дека ја разбира болката за промената на името во Северна, но дека од улица не може да се добие битката.
Сиљановска ја осуди изјавата на косовскиот министер кој ги повика Албанците да гласаат за нејзиниот противкандидат како мешање во внатрешните работи.
„Немам ништо против добрососедски односи со Косово, но ваквата изјава е невообичаена. Низ призма на едно од основните начела на ОН за немешање во внатрешните работи, изборниот процес е внатрешно прашање на која било земја. Убедена сум дека граѓаните Албанци знаат кому да го доверат својот глас”, додаде таа.
Галена Николовска-Ризвановиќ