Во Кривичниот суд денеска треба да биде соопштена пресудата за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски, случај во кој обвинети се Бесир Беља, Скендер Демири и уште едно лице кое е во бегство.
Случајот почна на 9 ноември минатата година и го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска.
На 7 февруари годинава беше извршна реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица на автобуската постројка во Автокоманда.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Двајца од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.
Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.
Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.