„Охридско лето“ рангиран од ЕФА на трето место меѓу европските фестивали

Од:

Фестивалот „Охридско лето“ е рангиран на трето место во Европската асоцијација на фестивали што вклучува стотина такви манифестации од 40 земји, оценија делегатите на годинашното Генерално собрание на ЕФА што се одржа во Лисабон.

Високото признание за нашата најголема музичко-сценска манифестација се должи, пред се, на квалитетот на програмата понудена во изминатите 59 години, врвните светски имиња кои настапиле на фестивалската сцена, како и фактот што „Охридско лето“ е еден од најстарите фестивали во Асоцијацијата.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, која заедно со претседателката на Управниот одбор Нина Момировска беше во Лисабон, вели дека европските делегати едногласно ја дале поддршката „Охридско лето“ да биде меѓу најдобрите на европската културна сцена токму поради богатата историја на Фестивалот.

– Ова е само потврда дека сме надалеку познат и признат фестивал, ценет од најголемата културна Асоцијација, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство. Добиваме бројни честитки и пофалби за големината на уметниците кои поминале низ годините, но и за изборот на уметниците кои ќе настапат годинава. Навистина ми претставуваше гордост во својата презентација да ги спомнам големите имиња кои со свои маестрални дела оставиле печат во фестивалската историја, како легендарниот руски виолинист Леонид Коган, виолончелистот Андре Навара од Франција, светските уметници Хозе Карерас, Енио Мориконе и многу други кои учествувале на нашиот фестивал, истакна директорката на „Охридско лето“.

Претставниците на европските фестивали-членки на Асоцијацијата исто така биле едногласни и во одлуката Охрид наредната година да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, со што ќе се одбележи и јубилејното 60-то фестивалско издание.

– Со првите луѓе на ЕФА, претседателот Јан Бриерс и генералниот секретар Кетрин Девентер, веќе ги почнавме првичните преговори во однос на одлуката, укажаната чест да бидеме домаќини на ЕФА наредната година. Заедно со претседателката на УО на „Охридско лето“ изразивме уверување дека сме подготвени да организираме така голем настан во годината кога ќе го славиме 60-тото издание на „Охридско лето“. Токму поддршката која ја имаме од сите институции на државата, посебно поддршката од Владата преку Министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и покровител на Фестивалот, како и поддршката од стопанството преку одделни фирми и претпријатија што финансиски го помагаат, ни дава право да изразиме уверување дека целосно и професионално ќе се ангажираме целиот настан да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат културната репутација на сите членки насекаде во светот, вели Поповиќ.

Презентирајќи го „Охридско лето“ на Лисабонскиот самит, директорката Поповиќ го потенцирала и значењето во поглед на развојот на туризмот преку бројните гости кои пристигнуваат во Охрид токму поради квалитетот на фестивалската програма што се нуди од 12 јули до 20 август.

-Од оваа година започнуваме со новините за збогатување на културната понуда. Направивме неколку концерти надвор од фестивалската рамка, чекор со кој веруваме дека ќе придонесиме кон развојот на туризмот преку цела година. „Охридско лето“ ќе биде дел и од туристичката понуда на агенциите, а промоцијата од оваа година ќе биде збогатена и со воведување туристички водич за уметниците, додаде Поповиќ.

На 67. Генерално собрание на ЕФА учествувале 230 делегати од 80 европски фестивали.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма